СУДОВИТЕ ВО НОВ

СУДОВИТЕ ВО НОВ (1941– 1944) – органи на македонската револуционерна власт што се создавала во текот на борбата. Дејноста ја остварувале во партизанските одреди или во други воени единици и била зачеток на военото правосудство. Решавале граѓански спорови за имотно-правни побарувања меѓу граѓаните (ниви, меѓи, штети од добиток, делби, наследство и сл.), во рамките на дејноста на селските или градските НОО. Во 1944 г. со посебно упатство било пропишано при НОО да се организират судски оддели. Така почнало да се остварува организираното правосудство, кое кон крајот на војната го презеле специјализирани судови за разновидни спорови. ЛИТ.:Д-р Новица Велјановски, Народната власт во Македонија во НОВ и Револуцијата 1941–1944, Скопје, 1983; Д-р Билјана Поповска-Неткова, Правосудството во Македонија во НОВ 1941–1945, Скопје 1996. Н. В.