СУГАРЕВ, Ѓорѓи И

СУГАРЕВ, Ѓорѓи И. (Битола, 1879 – с. Паралово, Мариовско, 23. Ⅲ 1906) – учител, револуционер, учесник во Илинденското востание, битолски околиски војвода. Завршил егзархиска гимназија во Битола. Бил учител во Кичевско и во Битолско, дејствувал во четата на Н. Русински (1901). Бил секретар на Битолскиот РОК на ТМОРО, војвода на чета (1902), учесник на Смилевскиот конгрес (1903), во Илинденското востание (1903) и на Прилепскиот конгрес (1904). Загинал со целата чета во борба со османлиската војска. ЛИТ.: Ѓ. Димовски-Цолев. Ѓорѓи Сугарев – Живот и дело, Битола, 1968; З. Божиновски, Крвавиот бој кај Параловските Чукари, Битола, 2006. Ал. Тр.