СУВА ЧЕШМА, ТРИ ЧЕЉУСТИ, ВРТУЉКА

СУВА ЧЕШМА, ТРИ ЧЕЉУСТИ, ВРТУЉКА (с. Горенци, Охридско) – некропола од крајот на Ⅶ до крајот на Ⅳ в. пр. н. е., позната под името Требенишка (јужно од с. Требеништа), откриена случајно во 1918 г. Овој локалитет го истражувале К. шкорпил во 1918 г. (наодите се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија), Н. Вулиќ во 1930-1934 г. (наодите се чуваат во Народниот музеј во Белград), Ј. Кастелиц и В. Лахтов (1953–1954) и В. Маленко во 1972 г. (наодите се чуваат во Заводот и Музеј во Охрид). Откриени се 56 гроба, од кои 13 се „кнежевски“, со богати прилози (златни маски, сандали, накит, нараквици, бронзен кратер, керамика и др.) што датираат од архајскиот период, односно од крајот на Ⅵ и почетокот на Ⅴ в. пр. н. е. Другите наоди се карактеристични за железното време. ЛИТ.: П. Кузман, Три Чељусти и Вртуљка: Требеништа, Охрид, 1972; В. Маленко – П. Кузман, Требеништа – Сува Чешма, Три Чељусти, Вртуљка, АК 2, Скопје, 1996, 245–246. Д. З. Старохристијанската базилика од В-Ⅵ в., с. Суводол