СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ

СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ – социјално-педагошки установи што обезбедуваат сместување, исхрана, учење, здравствена заштита, културно-забавен и рекреативен живот на студентите во времето на редовното студирање. Првиот студентски дом е отворен во Скопје, со Уредба на Владата на НРМ (1949). Според Законот за ученичкиот и студентскиот стандард (1998), студентските домови се установи на студентскиот стандард. Два или повеќе студентски домови, ресторани, здравствени и други установи од студентскиот стандард можат да формираат студентски центар. Законот за студентските центри е донесен во 1968 г. Студентските домови можат да бидат јавни и приватни установи. Организацијата, начинот на живот и условите за приемот на студентите се уредуваат со посебни правилници. Надлежноста врз јавните студентски домови и центри ја има Министерството за образование и наука. Студентски домови има во местата каде што постојат високошколски устаноСтуденскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје ви: во Скопје (Студентски центар, формиран во 1963), Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Тетово. Приемот во домот е условен од социјалниот (материјалниот) статус на студентот и од успехот во студирањето. Во трошоците за одржувањето на домот партиципираат студентите со сопствени средства, а делумно се покриваат од државниот буџет. Капацитетите на студентските домови не ги задоволуваат потребите на студентите, така што дел од нив се сместуваат приватно. ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.