СТРУГАР, Злата

СТРУГАР, Злата (с. Чеклин, Цетиње, Црна Гора, 1926) – комунистички деец и истакнат борец на НОАВМ. Како член на СКОЈ (од 1941) била испратена на партиска работа во Албанија (1943), а потоа станала борец на шарпланинскиот НОПО, каде што била примена за член на КПЈ, но по кратко време била заробена и одведена во Призренскиот затвор, а потоа во Женскиот затвор во Тирана. По капитулацијата на Италија, заедно со другите политички затвореници пребегнала на слободната територија во Западна Македонија и станала борец на Првата македонскокосовска НОУБ (од 11. Ⅺ 1943), каде што била раководител на СКОЈ во чета, помошник политички комесар и политички комесар на чета, а подоцна и раководител на СКОЈ во баталјон. Особено се истакнала во борбата против германските сили кај Кленовец, Кичевско, за што била пофалена од штабот пред стројот на бригадата. Носител е на Партизанска споменица 1941. ЛИТ.: Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и револуцијата 1941-1945, Скопје, 1976, 1258. С. Мл.