СТРУГАР, Владо

СТРУГАР, Владо (Улцињ, Црна Гора, 1920) – црногорски комунистички деец и политичар. Завршил нижа гимназија во Пеќ, а по Ослободувањето Висока школа за политички науки во Белград. Бил член на КПЈ (од 1940) и првоборец (1941). Подолго време бил во затвор во Албанија (декември 1941 – јуни 1943), а потоа бил секретар на Околискиот комитет на КПЈ во Бар и член на ЦК на КПЈ за Црна Гора. По Ослободувањето бил испратен на партиска работа во Македонија како политички комесар на Артилериската база во Скопје, секретар на Комитетот при Главниот штаб на Македонија, член на ЦК на КПМ и началник на Инструкторската управа на ЦК на КПМ. Подоцна бил член на Извршниот совет на НР Црна Гора, член на Главниот одбор на ССРН на Црна Гора, републички пратеник и претседател на Советот на општините на Собранието на СР Црна Гора. С. Мл.