СТРЕЗ

СТРЕЗ (? – 1214) – македонски благородник, господар на Просек (1207–1214), севастократор, роднина на бугарската владетелска фамилија. Ја загубил борбата за испразнетиот бугарски престол, по смртта на Калојан, и се засолнил во Србија. Со српска помош завладеал со добар дел од Македонија со центар во Просек (1207) и формирал независно владение. Неговата власт се протегала од Скопје до Охрид и Бер (Верија), на исток до владеењето на Алексиј Слав. Во сојуз со Епирците, ус-пешно војувал против Солунското Кралство (1210). Во решавачката битка со Латинците, во пелагониската рамнина, доживеал катастрофален пораз (1211). Заедно со Латинците, Бугарите и Епирците, се подготвувал за напад на Србија (1214). По неуспехот на Сава Немањиќ да го одврати од планираниот напад, бил организиран заговор и тој бил ликвидиран (1214). Димитриј Хоматијан го определува неговото владеење како „тиранија на Другувитите“, што зборува за автохтониот карактер на неговата власт.
ЛИТ.: Н. Радојчиђ, О неким господарима града Просека на Вардару, „Летопис Матице Српске“, св. Ⅷ, 1909; П. Мутафчиев, Владетелите на Просек, Избрани произведения, И, София, 1973. К. Аџ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *