СТОЈЧЕВ, Ванче Киров

СТОЈЧЕВ, Ванче Киров (с. Црвулево, Штипско, 15. Ⅱ 1951) – историчар, универзитетски професор, полковник на АРМ. Завршил средно воено училиште во Сараево (1970). Бил на командирски должности во Белград (1970–1992); завршил Факултет за одбрана (1986) и Воена академија во Сараево (1987), магистрирал и докторирал во Белград (1992), работел како самостоен истражувач во Воено-историскиот институт во Белград. Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје (1993) избран за доцент, а потоа и за вонреден професор за предметите воена историја и методологија на научноистражувачката работа. Бил раководител на Катедрата за општествени науки и претседател на Комисијата на НИР на ВА (1995–2004). За научен советник е избран во ИНИ (2006). Член е на Комисијата за одликувања и признанија на Претседателот на Република Македонија(2004). Автор е на околу 180 трудови. Учествувал на домашни и на меѓународни научни собири. Основоположник е на Воениот музеј на Македонија. БИБ.: Бугарскиот окупаторски систем во Македонија 1941–1944, Скопје, 1996; Воена историја на Македонија, И–Ⅱ, Скопје, 2000; Методологија на воените науки, Скопје, 2004. ЛИТ.: Билтен на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, 893/ 15 Ⅲ 2006. М. Мин.