СТОЈКОВ, Петар

СТОЈКОВ, Петар – бугаројазичен македонски автор од крајот на ⅩⅠⅩ и почетокот на ХХ в., по потекло од Југоисточна Македонија (Марвашкиот крај, Серско и Неврокопско). Зачувани му се десетина книшки поезија, публицистички записи и политички коментари. Објавени му се следниве одделни публикации: 1. Македонски поборник за слободата на Македонија (Софија, 1897), 2. Заштитна реч на Петар Стојков пред Софискиот окружен суд против господарот на кучешката престолнина во Цариград (Султанот Хамид) (Софија, 1898), 3. Смрт на враговите (Софија, 1898); 4. Клучот на македонската револуција (Софија, 1898), 5. Македонски бич (Софија, 1899), 6. Жална Македонија (Софија, 1899), 7. Потајностите на македонските дејци (Софија, 1902), 8. Крвава Македонија (Софија, 1904), 9. Крвава гробница (драма на марвашки дијалект, Софија 1905), 10. Пирински напеви (две изданија, Софија, 1909). Во своите книги се декларира како македонски патриот, кој е наполно свесен дека треба да се бори за слободата на својата татковина: „Господа читатели, јас не сум побуден од писателски талент, ни од идеи за славољубие и среброљубие, ниту пак од никакви други егоистични цели, но јас, како Македонец, го сметам тоа за мој свет долг – па го кревам гласот, мојот слаб глас, против свирепоста на гнилата Турција“. Стиховите му се проткаени со исповеден тон. Г. Т.