СТОЈКОВ, Методија

СТОЈКОВ, Методија (с. Безиково, Кочанско, 12. Ⅱ 1945) – економист, универзитетски професор, општественик. Основно образование завршил во с. Блатец, Виничко, а средно во Берово (1965). На Економскиот факултет на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје дипломирал (1969), магистрирал (1975) и докторирал (1980) на теми од областа на економскиот развој на РМ. За асистент на Економскиот факултет во Скопје (по предметот Историја на политичката економија) е избран во 1969, за предавач (по предметот Политичка економија) во 1978, за доцент (по предметот економски доктрини) во 1980, за вонреден професор (по истиот предмет) во 1986 и за редовен професор (по предметот Развој на економската мисла) во 1991 г. На додипломските студии ги предавал предметите Развојот на економската мисла и Општествено богатство и национални сметки. Покрај наставната дејност на матичниот факултет, изведувал настава на додипломските студии на неколку факултети во земјата (Филозофскиот факултет, Земјоделскиот факултет, Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје и на Економскиот факултет во Прилеп). На постдипломските студии предавал: Економија на јавниот избор, Јавна администрација и јавна одговорност, Современи концепции и политики. Бил претседател на Советот на факултетот, шеф на Катедрата по економија, претседател на редакциониот одбор на Годишникот на Економскиот факултет, бил и продекан на Економскиот факултет во Скопје (1982–1984). Во 1986/1987 година бил декан на Интердисциплинарните студии по новинаство во Скопје. Член е на Европското друштво за култура. Бил директор на Марксистичкиот центар ,,Мито Хаџи Василев-Јасмин“ во Скопје, член на ЦК на СКМ, член на комисии при Собранието на СР Македонија, секретар на списанието ,,Стопански преглед“. Активен бил во самостојни и тимски истражувања во научноистражувачки проекти на Економскиот факултет и во други институции. Автор е на повеќе од 100 научни и стручни трудови: книги, учебници, статии, проекти и др. Конципирал и развил современ учебник по предметот Развој на економската мисла, а учествувал и во комисии за одбрана на магистерски и докторски дисертации. Неговата научноистражувачка дејност е фокусирана во три подрачја: современата економска мисла, економскиот развој (посебно економскиот развој на РМ) и системот на националните сметки, има особен придонес во проучувањето на критериумите за класификација на економските школи и во истражувањето на нивните основни постулати. БИБ.: Позначајни книги и учебници: Стопанскиот развиток на општината Ресен (коавтор), Скопје, 1978; Њхѕ анд Њхере то Инвест ин Мацедониа – А Гуиде то Цооператион њитх тхе Рисинг Привате Сецтор (коавтор),Скопје, 1992; Менаџментот и претприемништвото во Македонија (коавтор), Скопје, 1993; Развој на економската мисла, Скопје (1994, 2002 и 2008); Економија – макроекономски пристап (коавтор), Скопје, 1997; Нобеловци по економија (коавтор), Скопје, 2000. Учест во во позначајни проекти: Механизми и инструменти за спроведување на научната и технолошката политика на стопанскиот развој на СР Македонија, Економски факултет, Скопје, 1977; Нерамномерен регионален развој во економската теорија и полтика, Скопје, 1980. Позначајни ст ат ии: Економските погледи на Џон К. Галбрајт за карактеристиките и перспективата на капитализмот, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 1983; Пристапи и концепции за изучување на развојот на економската мисла, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 1996; Посткејнзијанската економска теорија, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 1998; Прилог за Нобеловата награда и за економското творештво на Амартја Сен, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 1998; Понови синтези во економската наука, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 2000; Некои отворени прашања на економската наука, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 2001; Специфичностите на концепцијата на Фридрих фон Хајек за спонтаниот економски напредок, „Прилози“, ЏЏЏИВ, 1-2/2003, МАНУ, Скопје, 2003; Размислувањата на Питер Дракер за општеството на знаења и за претприемачкото општество, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 2005; Примена на пристапот јавен избор на примерот на економските слободи со посебен осврт на Република Македонија, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 2007; Новата институционална економија – нова синтеза на економската мисла, „Прилози“, МАНУ, Скопје, 2007, Нобеловци по економија (коавтор), второ изменето и дополнето издание, Скопје, 2008. ИЗВ: Билтени на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“– Скопје (броевите 215/1974, 287/1978, 327/1980, 347/1980, 467/1986, 554/1991 и 684/1997); „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје; „Прилози“ на Одделението за општествени науки на МАНУ, Скопје. Т. Ф.