СТОЈАНОВ, Ристо

СТОЈАНОВ, Ристо (Кавадарци, 1927) – геолог, унив. професор. Основно и средно образование завршил во Кавадарци, а Рударско-геолошки факултет во Белград (1952). По дипломирањето, во Геолошкиот завод на Македонија работи како геолог врз проблемите на создавањето на геолошките подлоги при реализацијата на хидротехничките објекти во Македонија, како што се акумулациите на Маврово – Вруток и Равен; Црна Река, Вардар, Црни Дрим и др. Речиси 20 г. непрекинато работи на проектот ОГК на Македонија. Постдипломски студии завршил во Империал Колеџ во Лондон, каде што ја брани и својата магистерска работа под наслов „Фенгитите на Пелагонискиот масив“. Докторирал во 1972 г. на РГФ во Белград на тема „Петролошки карактеристики на магматските и метаморфните карпи од пошироката околина на Прилеп“. Паралелно со истражувачките активности, Р. С. се вклучува и во меѓународната соработка на полето на геологијата и тоа преку телата на УНЕСКО. Тој е член на Југословенскиот комитет на УНЕСКО (1976), и претседател на Македонскиот комитет на УНЕСКО (1995) во рамките на Програмата за корелација во геологијата ИГЦП, преку која е координатор на поголем број меѓународни проекти. Воспоставил соработка со Русија, Франција, Германија, Италија, Грција, Шпанија, Романија и други држави. БИБ.: Креден и полекреден магматизам во Динаридите и на Кавказ; Магматизам, метаморфизам, металогенија и геотермија на Вардарската зона и Српско-македонскиот масив; Морфоструктурна анализа на просторот на Р. Македонија. Бл. Б.