СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ ВО РМ

СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ ВО РМ. Според позитивните законски прописи, економските субјекти во Република Македонијаосноваат стопански комори врз основа на дејноста што ја вршат. Во Република Македонијапостојат: Стопанската комора на Македонија; Сојузот на стопански комори; стопански комори на Македонија со други држави и сл. Стопанската комора на Македонија е основана 1932 г. По неколку трансформации во текот на нејзиното постоење, таа постои како деловно-стручна асоцијација на нејзините членки, а нејзината дејност се одвива во согласност со Законот за Стопанската комора на Македонија (2004). Таа е основана со цел да се унапредуваат пазарното стопанство и претприемништвото и за поттикнување на конкуренцијата. Во тој контекст таа се грижи за подобрување на ефикасноста на работењето на нејзините членки, за воспоставување и развој на стопанската соработка со странство, за развивање и организација на единствен информациски систем, за застапување на интересите на членките пред државните органи и да извршува и други активности од интерес за членките. За поуспешно остварување на своите задачи, во рамките на оваа институција се организираат асоцијации (4) и здруженија според дејности (19), регионални комори (15) и други форми на организирање и работење. Комората има и свои претставништва во странство. Таа разви плодна меѓународна соработка со соодветни комори од повеќе држави, како и соработка со ЕУ. Исто така, потпишани се и договори за слободна трговија со неколку држави, со ЕФТА, ЦЕФТА и др. Во нејзината дејност спаѓа и објавувањето на разни публикации: брошури, јубилејни изданија, неделни и месечни изданија и др. Сојузот на стопански комори настана со здружување на три грански стопански комори: индустриската, трговската и услужната (2004). Во следната година кон него се приклучени уште две комори: на агробизнисот и од областа на информатичко-комуникациската технологија и услуги (ИКТ). Мисијата на Сојузот на стопански комори е да се грижи за постојано зголемување на конкурентноста на неговите членки, за унапредување на македонското деловно опкружување и за зголемување на продажбата на нивните производи на глобалниот пазар. Во Сојузот на стопански комори членуваат мали и средни приватни бизниси (претпријатија), како и други бизниси (фармерски асоцијации, индустриски групи). Комората има свое информативно гласило (Електронски седмичен информатор). Во нашата земја дејствуваат и стопански комори со други држави, како што се: Американскомакедонската стопанска комора, Македонско-руската стопанска комора и Македонско-словенечката стопанска комора. Тие се ангажираат за подобрување на соработката на нашата земја со соодветните држави. ИЗВ.: Закон за стопански комори („Службен весник на Република Македонија“, бр. 54, 15 јули 2002); Закон за Стопанската комора на Македонија („Службен весник на Република Македонија“. бр. 89, декември 2004) и други законски прописи, како и документацијата на соодветните стопански комори. М. С.