СТОПАНСКИОТ РАЗВОЈ НА МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ

СТОПАНСКИОТ РАЗВОЈ НА МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ (1918–1941). Во периодот меѓу двете светски војни Вардарскиот дел од Македонија, којшто по распарчувањето на Македонија во текот на Балканските и на Првата светска војна влезе во составот на новоформираната државна заедница Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (Кралството на СХС), кое по шестојануарската диктатура од 1929 г. беше преименувано во Кралство Југославија, остана типично аграрно подрачје. Според пописите на населението од 1921 и од 1931 г., на населението што живееше во селските населби отпаѓаа три четвртини од вкупното население. Земјоделството и сточарството останаа најважните стопански гранки. Во земјоделството преовладуваа ситните поседи до пет хектари, на кои отпаѓаа дури три четвртини (74,3%) од вкупниот број поседи. Најголемиот дел од обработливите земјоделски површини беа засејувани со житни култури. Индустриските култури, меѓу кои најзначајно место им припаѓаше на тутунот, афионот и памукот, беа застапени на сосема скромни површини. Земјоделското производство, во најголема мера, беше наменето за задоволување на сопствените потреби на семејствата. Сточарството беше силно погодено од воспоставувањето на новите вештачки граници и посебно со повлекувањето на границата спрема Грција, со што сточарите од овој дел на Македонија и посебно оние од западните планински предели, каде што сточарството беше најразвиено, веќе не можеа во текот на зимските месеци да ги спуштаат своите стада во потоплите јужни краишта. Номадскиот начин на сточарење, којшто во најголема мера го практикуваа само уште влашките сточарски семејства, с“ повеќе му го отстапуваше местото на полуномадскиот начин на сточарење. Статистички земено, индустријата забележа подем според бројот на подигнатите индустриски капацитети, но по својата суштина тоа беа ситни претпријатија со мала вредност на вложениот капитал и со мал број вработени. Занаетчиството продолжи да пропаѓа, не толку поради конкуренцијата на домашното индустриско производство туку најмногу поради неподносливата конкуренција на индустриските стоки од другите краишта на Кралството Југославија. Во банкарството беа отворени повеќе нови банки, кои претставуваа главно филијали на бан-ките од другите подрачја и отпуштаа ситни кредитни средства, пред с“ хипотекарни заеми со кои економски ги форсираше припадниците на српското население, кое беше колонизирано во овој дел на Македонија. ЛИТ.: Д-р Ристо Христов, Селото во вардарскиот дел од Македонија меѓу двете светски војни (социо-економски истражувања), Скопје, 1993; истиот, Трудбеничките општествени слоеви во Македонија (1918–1941), Скопје, 1996; истиот, Селското стопанство на Вардарска Македонија меѓу двете светски војни низ архивски извори, „Историја“, бр. 1–2, Скопје, 1987; истиот, Градското стопанство на Вардарска Македонија меѓу двете светски војни низ архивски извори, „Историја“, бр. 1-3, Скопје, 1988; Акад. Данчо Зографски, Факторите и насоките на стопанскиот развиток на Вардарска Македонија меѓу двете светски војни, „Годишник на Економскиот факултет“, Скопје, 1980; Диме Бојановски – Кирил Џонов – Ана Пемовска, Развитокот на земјоделството во Македонија, Скопје, 1955. Р. Х. Зградата на Стопанската комора на Македонија