СТОМАТОЛОШКИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

СТОМАТОЛОШКИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР – со седум специјализирани клиники: Клиника за болести на устата и забите, Клиника за дентална патологија и терапија, Клиника за детска и превентивна стоматологија, Клиника за мобилна стоматолошка протетика, Клиника за фиксна стоматолошка протетика, Клиника за орална хирургија, Клиника за ортодонција. Сите клиники се со претклиники. Тоа се здравствени, наставни и научни институции. Во нив се дава стоматолошка помош за сите заболувања од доменот на стоматологијата, како на тврдите органи – забите и виличните коски, така и на меките делови во устата и на лицето. Располагаат со сали за сите стоматолошки дисциплини, клинички и претклинички интервенции и заеднички лаборатории и служби, како: Хематолошка лабораторија, Ренд-ген кабинет, Административноекономска и финансиска служба, АОП и техничка служба за одржување на постојната апаратура, опрема и амфитеатри. Секој стручен и стоматолошки предмет е и клиника и претставува наставна база, каде што се едуцираат студентите по стоматологија. Тие тука ги изучуваат теоретски и практично стоматолошките заболувања, нивното лекување и изработката на протетичките и ортодонтските помагала. Клиниката за максилофацијална хирургија со стационар е посебна клиника и на неа се лекуваат пациентите и се едуцираат студентите за заболувањата и повредите во максилофацијалната регија. На сите клиники се изведува и постдипломска настава (специјалистички, магистерски и докторски студии), издавање учебници и изработка на научни проекти. Е. М.