СТЕФАН, Архиепископ Охридски и Македонски

СТЕФАН, Архиепископ Охридски и Македонски (Стојан Велјановски) (с. Добрушево, Битолско, 1. Ⅴ 1955) – петти поглавар на Македонската православна црква. Ја завршил Македонската православна богословија во Драчево, Скопје (1974), Богословскиот факултет во Белград (1979) и постдипломски студии во Бари, Италија. Бил професор во Богословијата и предавач на Богословскиот факултет во Скопје. За архијереј бил избран и замонашен (3. Ⅶ 1986) во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, хиротонисан (12. Ⅶ 1986) во храмот „Св. Димитрија“ во Скопје и поставен за митрополит Американско-канадски (1986–1988), а во 1988 г. за Злетовско-струмички, односно Брегалнички (1989) по преименувањето на епархијата во Брегалничка. Бил и ректор на Македонската православна богословија во Скопје. На 9–10. Ⅹ 1999 г. во Соборниот храм „Света Софија“ во Охрид беше избран и востоличен за Архиепископ Охридски и Македонски, петти по ред Поглавар на Македонската православна црква од возобновувањето на Охридската архиепископија. При изборот беше најмлад поглавар меѓу сите поглавари на православните цркви во светот. Во негово време Светиот синод на МПЦ најбројно се подмлади со нови членови. ЛИТ.: Ратомир Грозданоски, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000. Рат. Гр.