СТЕВАН МОКРАЊАЦ , МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ, Скопје

„СТЕВАН МОКРАЊАЦ“, МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ, Скопје (1934–1941) – основано првин како приватна Нижа музичка школа (27. Ⅸ 1934) по иницијатива на проф. д-р Воислав Радовановиќ, проф. Душан Коњевиќ и српскиот композитор Миодраг Василевиќ. Прв директор бил Хенри Вереш, воен капелник од скопскиот 21. пешадиски полк. Меѓу првиот професорски кадар биле: Ф. Херцог, М. Василевиќ, Вл. Јециќ, Ј. Брнобиќ, Тр. Прокопиев и Т. Скаловски. Училиштето било организирано според примерот на Музичката школа во Бел-град: А) Отсек за општо музичко образование и Б) Отсек за стручно музичко образование. Во првиот отсек се изучувале предметите: солфеж, теорија на музиката, хорско пеење, историја на музиката, облигатно пијано, естетика на музиката, вокална техника, изговор и рецитација и диригирање. Во вториот отсек се изучувале предметите: соло пеење и свирење на неколку музички инструменти, заедно со теориски предмети (хармонија, контрапункт и компонирање). Сите јавни концерти на ова училиште биле рецензирани во дневните весници и списанија од тоа време. Ј. Т. Мирослава Стевановиќ