СТАРОГРАДСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

СТАРОГРАДСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ – песни настанати во градска средина и кои го опеваат градскиот живот. Во нив се пее за калдрмисани улици, за занаетчиски дуќани, за разни занаети, за љубовта меѓу младите занаетчии и убавите девојки и сл. Во процесот на нивното создавање значаен удел имало и орото, „това училиште к’де се усовршенствувала народната ни поезија“, како што запишал К. Миладинов. Во нашето народно творештво посебно значајно место имаат охридските, велешките, Штипските и битолските староградски песни. Во нив често се чувствува и книжевното влијание, влијанието на граѓанската поезија на соседните народи, но и влијанието на ориенталниот фолклор. ЛИТ.: Блаже Конески, За македонската литература, Скопје, 1967; Харалампие Поленаковиќ, Српската граѓанска поезија во Македонија во ⅩⅠⅩ век, Избрани дела, 2, Скопје, 1988; Ленка Татаровска, Староградската народна песна во Македонија, Скопје, 2001; Боривоје Џимревски, Градската инструментална музичка традиција во Македонија (1900–1941), Скопје, 2005. М. Кит.