СТАРОВА, Луан Емин

СТАРОВА, Луан Емин (Луан Емин Старова) (Поградец, Република Албанија 14. Ⅷ 1941) – унив. професор, академик, дипломат, раскажувач, романсиер, поет, есеист, преведувач и литературен критичар. Завршил Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал во Загреб, на теми од областа на француската и компаративната книжевност. Предавал Француска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил амбасадор на Република Македонијаво Тунис и во Франција, Шпанија, Португалија и во Унеско). Член е на македонскиот ПЕН центар, на ДПМ (1970) и на МАНУ. Неговиот научен опус од областа на книжевноста, компаративната книжевност и есеистиката е мошне богат. Учествувал на многу научни собири, симпозиуми и конгреси во земјата и странство. БИБ.: Луѓе и мостови, патописна проза, 1971; Границите на пролетта, роман, 1971; Барикадите на времето, патописи, 1976; Доближувања, есеи и книжевни студии, 1977; Релации, есеи и книжевни студии од балканските литератури, 1982; Кинеска пролет, патописна проза, 1984; Пријатели, патописи и есеи, 1986; Континуитети, книжевни есеи, 1988; Митска птица, краток роман, 1991; Песни од Картагина, поезија, 1991; Мостот на љубовта, роман, 1992; Татковите книги, роман, 1992; Време на козите, роман, 1993; Балкански клуч, раскази, 1995; Француски книжевни студии – 20 век, есеи и книжевни студии, 1995; Атеистички музеј, роман, 1997; Патот на јагулите, роман, 2000; Тврдина од пепел, роман, 2002; Балкански жртвен јарец, роман, 2003. А. П.