СТАНКОВ

СТАНКОВИЌ, Синиша (Заечар, 26. Ⅲ 1892 – Белград, 24. Ⅱ 1974) – српски биолог, редовен член на САНУ и ЈАЗУ, дописен член на Академијата во Нанси и Масариковата академија во Прага и член на МАНУ надвор од работниот состав (25. ⅩⅠⅠ 1969), основоположник на екологијата и лимнологијата во РМ. Студирал на Белградскиот универзитет и во Гренобл (Франција), каде ја одбранил и докторската дисертација. Сите степени на универзитетската кариера, од асистент (1921) до редовен професор (1934) ги минал на Белградскиот универзитет. Како антифашист, бил уапсен и спроведен во логорот Бањица (1941–1943), а по успешното бегство бил избран за член на Главниот НОО на Србија. Но повторно бил уапсен и спроведен во истиот логор (1943–1944). Бил претседател на Градскиот одбор на Единствениот народноослободителен фронт на Белград, претседател на Президиумот на АСНОС и Народното собрание на НР Србија (1944–1953). Бил претседател на Советот на академиите на СФРЈ и директор на Биолошкиот институт на СР Србија. Има значаен придонес во проучувањето на живиот свет во Охридското Езеро и ја основал Хидробиолошката станица во Охрид (1935), која по Ослободувањето прераснала во Хидробиолошки завод. Автор е на голем број научни и стручни трудови од областа на екологијата и биогеографијата. БИБ.: Охридско Језеро инјеговживисвет, Скоплје, 1957; Охридското Езеро и неговиот жив свет, Скопје, 1959. С. Мл. Бранка Станковска