СТАМЕНКОВА-ТРАЈКОВА, Верица Иванова

СТАМЕНКОВА-ТРАЈКОВА, Верица Иванова (Кочани, 4. Ⅵ 1944) – психолог, универзитетски професор. Дипломирала психологија на Филозофскиот факултет во Белград (1967), магистрирала на Факултетот за политички науки во Белград (1981), а докторирала на Филозофскиот факултет во Скопје (1986). Завршила бројни обуки од сферата на психосоцијалната заштита. На Институтот за социјална работа и социјална политика работи од 1975 г. (редовен професор од 1997) и ја реализира наставата по предметите: психологија, развојна психологија, социјална психологија, ментална хигиена, превентивна социјална работа и др. Била раководител и координатор на голем број научноистражувачки проекти. БИБ.: Психологија, 1995; Ментална хигиена, 1997; Структура на вредносните системи кај различните социјални групи во Република Македонија, 2000; Клиничка социјална работа, 2002; Студија за истражувачките резултати за состојбата на здравственото осигурување кај ромската популација во Република Македонија, 2004. ЛИТ.: Филозофски факултет во Скопје: 1920–1946–2006, Скопје, 2006, 289. В. Арн.