СТАВРИЌ, Крсто Николов

СТАВРИЌ, Крсто Николов (Битола, 17. Ⅳ 1893 – Скопје, 7. Ⅷ 1960) – еден од првите универзитетски наставници по хемија во Скопје. За да може да се запише на Фармацевтскиот факултет во Истанбул, како гимназијалец работел како аптекарски помошник, а такво својство имал (1914– 1917) и во Битолската и Солунската воена болница. Во текот на Првата светска војна го прекинал студирањето, а во 1917 г. се запишал на Фармацевтскиот факултет во Женева, паралелно студирајќи и хемија, физика и минералогија на Филозофскиот факултет. Во 1920 г. завршил фармација, а во 1921 г. на Филозофскиот факултет добил звање доктор по хемија. Бил шеф на лабораторија во Белград, каде што работел на полето на токсикологијата, броматологијата и биохемијата. Во 1923 г. бил назначен за шеф на Лабораторијата и Аптеката при Скопската окружна болница, а две години подоцна ја отворил и сопствената аптека и лабораторија „Нада“, во која, меѓу другото, приготвувал сопствени патентирани лекарства и ја раководел с“ до 1948 г., кога станал доцент на ПМФ. Во почетниот период на работата на Катедрата по хемија несебично ја снабдувал со инвентар и хемикалии од својата аптека. Настрадал во сообраќајна несреќа. ЛИТ.: Природно-математички факултетСкопје, 1946–1996, Скопје, 1996, 249; 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, 263-264. Б. ш.