СПОРТСКИ СРЕДБИ НА СОЛИДАРНОСТА

СПОРТСКИ СРЕДБИ НА СОЛИДАРНОСТА (Скопје, 1964–1971) – игри во знак на поддршка на граѓаните од разурнатото Скопје во катастрофалниот земјотрес (1963). Првите средби започнале со свечено дефиле на бригадиритеспортисти од Југославија и од светот што учествувале во изградбата на градот, а потоа биле одржани спортски натпреварувања во: атлетика, ватерполо, велосипедизам, ракомет, кошарка, гимнастика и пливање, а во наредните средби и во: падобранство, борење, кајакарство, мечување, модерна гимнастика, стрелање и шах. На натпреварите настапувале и повеќе познати спортисти од земјата и од странство. Од 1971 г. средбите се одржуваат само во мечување, во организација на Мечувачкиот клуб „Работнички“ од Скопје. ЛИТ.: 30 години физичка култура и спорт во СР Македонија (1945–1975), Скопје, 1976, 12–13. Д. С.