СПОРТСКИ ВЕЖБИ НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА ТМОРО/ ВМОРО

СПОРТСКИ ВЕЖБИ НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА ТМОРО/ ВМОРО. Од основањето на МРО градските и селските комитети обрнале поголемо внимание кон народните форми на спортските активности. Учениците биле поттикнувани систематски да ги негуваат, а граѓаните масовно да се натпреваруваат на црковните и на други масовни собори. Со формирањето на вооружените чети, во нив повремено биле организирани натпреварувања во трчање, скокање од место, со залет и трискок, фрлање камен, борење, мечување и борба со стапови, стрелање со камен и со оружје и др. Биле изведувани и воени и тактички вежби (талими) и во училиштата. Во овие активности предничеле комитетите и четите од Битолскиот вилает. ЛИТ.: Душан Константинов, Спортски и воени вежби на припадниците на оружените сили на Внатрешната македонска револуционерна организација од илинденската епопеја (1903) „Прилози за историјата на физичката култура на Македонија“, Скопје, 1978, 91–100. Д. С.