СПАСОВ, Александар

СПАСОВ, Александар (Скопје, 18. Ⅶ 1925 – Скопје, 27. Ⅴ 2003) – Александар Спасов литературен критичар, литературен историчар, есеист, антологичар, универзитетски професор, прв редактор на списанието „Литературен збор“, член на ДПМ од 1951 г., член на МАНУ и на Македонскиот ПЕН центар. Со својата критичарска активност се јавува кон крајот на четириесеттите години на ⅩⅩ в., со прилог за оставнината на Кочо Рацин. Судејќи според темите што ги опфаќа неговиот опус, како и според постапката што ја применува при нивното елаборирање, С. е пред с“ литературен историчар, па потоа критичар и тоа со историска свест. Неговите трајни научни интересирања се врзуваат за Р. Жинзифов, браќата Петкович и К. Рацин. ДЕЛ: Патишта на зборот (критики и огледи, 1956), Антологија на современата македонска поезија (1961), Антологија на современата македонска поезија и проза (на српски јазик, 1961), Современа македонска поезија (на словенечки јазик, 1963), Современа македонска поезија (на српски јазик, 1967), За македонската литература (студии, огледи и критики, 1969), Нашето препознавање (1971), Истражувања и коментари (1977), Задача на денот (1979), Кочо Рацин (монографија на француски јазик, УНЕСКО, Париз, 1986), Кочо Рацин (книжевно-историски прилози, 1995), Браќата Андреја и Константин Петкович (студија, 1996), Македонско-словенечки книжевно културни релации (1998). ЛИТ.: Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990). В. М.-Ч.