СПАСЕ, Стерјо

СПАСЕ, Стерјо (с. Глобочани, Мала Преспа, Република Албанија, 14. Ⅷ 1914 – Тирана, 12. Ⅺ 1989) – албански писател и критичар од македонско потекло. Основно училиште завршил на албански и на грчки јазик во родното место и во Корча. Образованието го продолжил во Корча и во Елбасан. Пред Втората светска војна бил соработник на познатите списанија во Тирана и во Романија, како што се „АБЦ“, „Бота е Ре“ („Нов свет“), „АРС“ и др. По Втората светска војна завршил висок курс за книжевност во Институтот за јазик и книжевност „Максим Горки“ (1960). Својата наобразба ја довршил во Фиренца (Италија) и во Москва (Русија). Во еден период бил просветен инспектор, уредник на „Литаратура јоне“ („Наша литература“), „Нëнтори“ („Ноември“), „Схколла е Ре“ („Ново училиште“) и др. Автор е на проза & раскази, романи, учебници и репортажни записи. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби. Неговите дела се преведувани на неколку светски јазици. БИБ.: Зошто?, 1935; Венец на младоста, 1938; Невестата без дувек, 1944; Афродита, 1944; Тие не беа сами, 1952; Афродита повторно на село, 1954; Крај езеро, 1960; Огнови, 1972; Будење, 1974; Факлоносци, 1975; Слобода или смрт, 1978; Востаници, 1983; Денес или никогаш, 1989; циклус од пет историски романи со наслов Преродбеници; Писмата на мојот внук Аријан во Тирана, 1992; Убавицата на Преспа, 1992. ЛИТ.: Гјата Фатмир, Схкримтари Стерјо Спассе, нр. 12, Тиранш 1964; Јоргаљи Насхо, Крфијимтариа летраре е Стерјо Спассес пара шлиримит, студим нш либрин Нга јета нш јетш , Псе?, Присхтинш, 1968; Љосја Реџ-хеп, Еписоде летраре, Присхтинш, 1967. А. П.