СОЈУЗ НА СПОРТСКИТЕ ФЕДЕРАЦИИ НА МАКЕДОНИЈА

СОЈУЗ НА СПОРТСКИТЕ ФЕДЕРАЦИИ НА МАКЕДОНИЈА. Со Уредба на Министерството за просвета бил формиран Иницијативен фискултурен одбор на Македонија (ИФОМ, 1945). Неговиот состав: претседател, Густав Влахов, тројца потпретседатели, тројца секретари, двајца благајници и економ, со реферати и одговорни лица: Основно воспитание и вежби на справи – Ганчо Пајтонџиев, Лесна и тешка атлетика – Перо Димовски, Фудбал – Драган Ивановски и Саво Цветковиќ, Рачна топка, пингпонг и тенис – Панче Поленаков, Спорт на вода – Драган Стојанов, Зимски спорт и туризам – Ристо Дуковски и Гого Попов, Велосипедизам и моторизам – Киро Василевски, Пропаганда и култура – Драган Геров и Илија Џувалековски, Здравствена служба – д-р Ѓоше Гавриловски, Јавачки спорт – Димче Боцев, Едриличарство – Блажо Трошановски, Статистика – Душко Кировски и Јордан Мраморец. Бил формиран и Дисциплински одбор, Работно и други тела. Потоа ИФОМ се нарече Фискултурен одбор на Македонија (ФИСОМ, 1946) со спортски одбори, (со претседател Страхил Гигов и секретар Страте Арсовски), Сојуз на организациите за физичка култура на Македонија (СОФКМ, 1961), Сојуз за физичка култура на Македонија (СФКМ, 1972), Спортски сојуз на Македонија (ССМ, 1996) и Сојуз на спортските федерации на Македонија (ССФМ, од 2002). Негови членови се 39 републички федерации и 14 општински сојузи. ЛИТ.: 30 години физичка култура и спорт, 1945–1975 во СР Македонија, Скопје, 1976. Д. С.