СОЈУЗ НА РАБОТНИЧКИТЕ И НАРОДНИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ НА МАКЕДОНИЈА

СОЈУЗ НА РАБОТНИЧКИТЕ И НАРОДНИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ НА МАКЕДОНИЈА – општествено-стручно здружение, основано во 1959 г. (со седиште во Скопје) со задача да ја координира и да ја унапредува дејноста на (в.) народните и работничките универзитети и да ги застапува нивните интереси. Сојузот често се јавува и како организатор на андрагошки собири од регионален и меѓународен карактер (конференции, трибини, симпозиуми, советувања, семинари и сл.) на актуелни теми од областа на образованието на возрасните. Остварува активност и на планот на издавачката дејност и информирањето од својот домен. Последниве години се водат сериозни дискусии за негова трансформација и осовременување на дејноста. К. Камб.