СОЈУЗ ЗА ПРЕВЕНТИВА ОД АЛКОХОЛИЗМОТ, НИКОТИНИЗМОТ И НАРКОМАНИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА, СКОПЈЕ

СОЈУЗ ЗА ПРЕВЕНТИВА ОД АЛКОХОЛИЗМОТ, НИКОТИНИЗМОТ И НАРКОМАНИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА, СКОПЈЕ – општествена, доброволна, социјално-хуманитарна организација со воспитни, образовни и здравствени цели за примарна превенција од алкохолизмот, никотинизмот и наркоманиите. Се-гашното име го носи од 1991 г., а дотогаш постоеше со името Сојуз на организациите за сузбивање на алкохолизмот, наркоманиите и никотинизмот во Македонија. Почетокот на постоењето на Сојузот датира од 1952 г., кога е формирана организација против алкохолизмот, а подоцна во името се вклучени и никотинизмот и наркоманиите, а меѓу првите во Македонија започнува да ја истакнува и превентивата од СИДА. Сојузот има 17 основни (општински и регионални) организации. Седиштето на Сојузот е во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“ во Скопје. Организира и спроведува широка превентивна дејност против зависностите кај повеќе групации од населението, во прв ред меѓу децата и младинците; ги координира активностите на заинтересираните и одговорните фактори што работат на иста или слична дејност; дејствува самостојно и во тесна програмска координација и соработка со бројни релевантни НВО, органи, организации и институции; дејствува врз јакнењето на јавната свест за вистината, опасностите и последиците од зависностите; организира и учествува во настапи на мас-медиумите и во други форми за перманентно и актуелно информирање; врши издавачка дејност; има едукативни и конгресни активности; поднесува иницијативи за законски и други прописи и активности. Основен проект на Сојузот е „Мир и здравје без тутун, алкохол и дроги“ што се реализира континуирано веќе 15 години. Сојузот соработува со сродни НВО, со Црвениот крст на Македонија, со Македонската православна црква, со единиците на локалната самоуправа и месните заедници, со Сојузот на извидниците, спортските организации и со повеќе стопански и производствени организации. Формата клубови на лекувани алкохоличари произлезе од овој Сојуз и денес тие функционираат здружени како Сојуз на клубовите на лекувани алкохоличари. Сојузот има повеќе од 1200 регистрирани членови. Д. Д.