СОТИРОВСКИ, Никола

СОТИРОВСКИ, Никола (Битола, 30. Ⅷ 1925 – Белград, 10. Ⅸ 2000) – универзитетски професор, правник. Основно и средно училиште завршил во родниот град, а Правен факултет во Белград (1948). Дипломирал и историја на Филозофскиот факултет во Бел-град (1953). Бил избран за асистент во Историскиот институт на САНУ (1951). Одбранил докторска дисертација на Правниот факултет во Белград на тема „Развојот на управната власт во Србија во времето на кнезот Милош (1815–1830)“ (1958). По докторирањето станува доцент на Правниот факултет во Скопје (1959– 1965), а потоа вонреден и редовен професор по предметот Историја на државата и правото. Во меѓувреме, во текот на летните месеци на 1959, 1960 и 1961 г. завршил и трет факултет, стекнувајќи диплома на Меѓународниот факултет за споредбено право во европските градови Луксембург, Стразбур, Хелсинки и Мадрид. По формирањето на Правниот факултет во Крагуевац, работи како редовен професор на факултетот с“ до пензионирањето (1987/88). Бил член на Научниот совет на Институтот за национална историја во Скопје и професор на постдипломски студии по државно-правна историја на Македонија на Правниот факултет во Скопје. Објавил поголем број научни трудови од областа на историјата на правото и за македонската национална историја. БИБ.: УШТЕ еден прилог кон проучувањето на појавата и развитокот на македонската нација, Скопје, 1969; Закон Судниј људем, Скопје, 1977. ЛИТ.: Зборник во чест на Никола Сотировски и Владимир Картов, Скопје, 2001. Св. ш. Паскал Сотировски