СОЛУНСКИ ЈУНАК

„СОЛУНСКИ ЈУНАК“ – гимнастичка организација (1908–1912). Управата ја сочинувале: И. Васков – претседател, Д. Малинов – потпретседател, Даниел Бланшуд, учител по гимнастика во Солунската гимназија – главатар (начелник), Д. Ангелов – секретар, П. Манчев – домаќин, М. Богданов и Т. Бошков – советници. Членовите, главно ученици, имале униформи и редовно вежбале на отворено, а се натпреварувале и во некои спортови. Формирале свој оркестар од 35 дувачки инструменти и неколку културно–уметнички секции. Често настапувале јавно и давале приредби. Се издржувале од сопствени приходи и од донации од Егзархијата. Организирале два курса за началници во Солун (1909 и 1912). Со една чета настапиле на Слетот во Софија (1910), а со 10 членови на Слетот во Прага (1912). ЛИТ.: Драган Петковски, Прилог кон прашањето за основање и дејноста на гимнастичките друштва „Јунак“ во Македонија во времето од 1908 – 1912 година. „Прилози за историјата на физичката култура на Македонија“, Скопје, 1976, 95–106. Д. С.