СОЛУНСКИ КОНГРЕС НА ТМОРО

СОЛУНСКИ КОНГРЕС НА ТМОРО (1903) – општ конгрес на Организацијата, на кој била донесена одлуката за кревање востание во Македонија во 1903 год. Конгресот бил свикан од Иван Гарванов (во својство на претседател на ЦК) со писмено известување од 24. ⅩⅠⅠ 1902 / 6. И 1903 г. Конгресот се одржал на 2–4/15– 17. И 1903 г. во Солун, со 17 учесници: членовите на ЦК Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев, и делегатите: Христо П. Коцев, Тодор Лазаров, Никола Петров, Велко Думев, Лазар Димитров, Христо Влахов, Иван Сапунаров, Никола Хрлев, Димитар Занешев, Тодор Пејков, Димитар Ганчев, Иван Ингилизов, Анастас Лозанчев и Георги Варналиев. Претседавал И. Гарванов, а секретар бил Д. Мирчев. Не присуствувале водечките личности на ТМОРО и немало сразмерна застапеност од окрузите. По предлог од И. Гарванов, со поддршка и од Анастас Лозанчев (делегат од Битолскиот округ), Конгресот донел одлука за востание во 1903 г., без да го определи датумот. Против бил Лазар Димитров (делегат од Серскиот округ). Поради начинот на свикувањето и на одржувањето на Конгресот, била оспорувана легитимноста на одлуката за востание. ЛИТ.: Ванчо Ѓорѓиев, Солунскиот конгрес на ТМОРО од 1903 година и прашањето за востание, Историја, 1-2, Скопје, 2004. В. Ѓ.