СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ И МАКЕДОНИЈА

СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ И МАКЕДОНИЈА (ВРСКИ И ОДНОСИ) (1876–). Ако се исклучи дејноста на американските протестантски мисионери во Македонија, САД пројавиле понагласен интерес во времето на Источната криза врз основа на известувањата на Американското конзулско агентство во Солун за настаните во Македонија и за Цариградската конференција (1876– 1877), кога бил подготвен и бил претставен предлог за автономија на Македонија. На односот на САД кон Македонија и кон македонското прашање во почетокот на ⅩⅩ в. повлијаеле: настанот „Мис Стон“ (1901) – пленувањето на американската мисионерка Елен Стоун од револуционерите на МРО; акцијата на „Гемиџиите“ во Солун и особено Илинденското востание (1903). Во САД се појавило промакедонско движење и дипломатијата на САД по Востанието се застапила за порадикални реформи во Македонија, но директно не се ангажирала. Во времето на одржувањето на Мировната конференција во Букурешт (1913) САД интервенирале со нота до владите-учеснички со барање во договорот за мир да се внесе одредба за гарантирање на правата (граѓански и верски) на анектираните територии од балканските држави. Во Втората светска војна САД испратиле своја воена мисија при Главниот штаб на Македонската војска, го поддржале и го признале создавањето на македонската национална држава Демократска Федерална Македонија во ДФЈ (1944), официјално соопштено од шефот на Мисијата на Второто заседанието на АСНОМ. По прогласувањето на државната самостојност на РМ, САД се солидаризираа со Грција за непризнавање на државната независност под уставното име и за нејзин прием во ООН под името Поранешна Југословенска Република Македонија, под кое име и воспоставија дипломатски односи. По промената на ставот, и САД ја признаа Република Македонијапод уставното име. ЛИТ.: Христо Андонов-Полјански, Односот на Соединетите Американски Држави кон Македонија и кон македонското прашање во ⅩⅠⅩ век и во периодот на Илинденското востание, Македонското прашање, Скопје. 1990; Михајло Миноски, Соединетите Американски Држави и Македонија (1869-1919), Скопје, 1994; АСНОМ, документи И, 2, Скопје, 1984. М. Мин.