СОБРАНИЕ НА ФНРЈ/СФРЈ

СОБРАНИЕ НА ФНРЈ/СФРЈ – највисок орган на државната власт во втората Југославија. По донесувањето на Уставот на ФНРЈ, Уставотворното собрание со своја одлука се претвори во Народно собрание на ФНРЈ, задржувајќи ја истата структура (Сојузен собор и Собор на народите). Собранието на ФНРЈ е дефинирано како врховен орган на државната власт и претставник на суверенитетот на ФНРЈ. Сојузниот собор е избиран од сите граѓани на ФНРЈ со избирачко право, со квота – 50.000 граѓани за еден пратеник. Во Соборот на народите граѓаните на секоја република избираа по 30, Војводина 20, а Косово и Метохија 15 пратеници. Сојузниот уставен закон од 1953 г. воведува нова структура на Народното собрание на ФНРЈ. Соборот на народите е укинат како посебен дом, а на негово место е воведен Соборот на производителите, како претставничко тело на производителите вработени во производството, транспортот и трговијата. Сојузниот собор остана и понатаму да функционира, но во неговиот состав беа вклучени и пратениците делегирани од републичките и покраинските собранија. Уставот на СФРЈ од 1963 г. Собранието на СФРЈ го определува како највисок орган на власта и орган на општественото самоуправување, во рамките на правата и должностите на Федерацијата. Собранието на СФРЈ го сочинуваа Сојузниот собор, како собор на делегати на граѓаните во општините и републиките, и Стопанскиот собор, Просветно-културниот собор, Социјално-здравствениот собор и Организационополитичкиот собор, како собори на делегати на работните луѓе во работните заедници. Уставот на СФРЈ од 1974 г. Собранието на СФРЈ го дефинира како орган на општественото самоуправување и највисок орган на власта во рам-ките на правата и должностите на Федерацијата. Структурата на Собранието на СФРЈ е изградена врз самоуправна основа и врз делегатски систем, со рамноправна застапеност на републиките и со-Зградата на Собранието на Република Македонија Зградата на Собранието на ФНРЈ/СФРЈ одветна застапеност на автономните покраини. Наместо пет, воведени се само два собора: Сојузен собор и Собор на републиките и покраините. Сојузниот собор го сочинуваа делегатите на самоуправните организации и заедници и општествено-политичките организации во републиките и покраините, а Соборот на републиките и покраините беше составен од делегациите на собранијата на републиките и на автономните покраини. Во Сојузниот собор од секоја република се избираа по 30, а од автономните покраини по 20 делегати. Во Соборот на републиките и покраините делегацијата на собранието на секоја република броеше по 12, а делегацијата на покраинското собрание по осум делегати. ИЗВ.: Устав на ФНРЈ од 1946 година, Скопје, 1946; Устав на СФРЈ од 1963 година, Скопје, 1963; Устав на СФРЈ од 1974 година, Скопје, 1974. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право на СФРЈ, Прва и Втора книга, Скопје, 1986, 1987. Св. ш. Реконструкција на Собри, според цртежот на И. Микулчиќ