СМИРНЕНСКИ, Христо Димитров

СМИРНЕНСКИ, Христо Димитров (Кукуш, Егејскиот дел на Македонија, 29. Ⅸ 1898 – Софија, 18. Ⅵ 1923) – поет, раскажувач, хуморист, карикатурист, патописец, преведувач, новинар. Потекнува од македонско револуционерно семејство. Татко му Димитар, слаткар по професија, бил еден од првите членови на ВМРО во Кукуш. Пресудно творечко влијание врз него имал постариот брат Тома Измирлиев. Го покренал списанието „Смях и сÍлзи“ („Смеа и солзи“, 1917). Во творечките и општествените ангажирања живо се допирал и до Македонија. Раководител на познатиот „Македонски круг“ во Софија, во кој се и брат му Тома Измирлиев, Сребро Јанакиев и Крум ќулавков. Неговата поезија се одликува со високи естетски вредности и ги воспева социјалните и херојските настани на своето време (Октомвриската револуција) и изврши големо влијание во развојот на бугарската литература. Таа била повик и верба во сенародната борба, надеж за бедните и поробените, потврда за исполнување на копнежот по „светлина, убавина, височини“. ДЕЛ: Разнокалибрени вÍздишки в стихове и проза, София, 1918; Да бÍде ден!, София, 1922; Волни песни, София, 1924 и Зимни вечери, София, 1924. В. Тоц.