СЛОВИЌ, Драгољуб

СЛОВИЌ, Драгољуб (Јагодина, Србија, 1. Ⅲ 1911) – агроном, проф. по овоштарство, истакнат стручњак што имал значителен придонес за обнова и унапредување на овоштарството во РМ. Завршил Земјоделско училиште, а потоа полагал гимназиска матура за да може да се запише на факултет. Дипломирал на Земјоделскиот факултет во Земун. Поминал повеќе години во овоштарската струка. Автор е на првата книга „Овоштен расадник“, која одигра голема улога во унапредувањето на расадничкото производство во стара Југославија. На 1. Ⅱ 1949 г. е примен на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, како наставник по предметот овоштарство и преработка. На ова работно место е до 30. Ⅵ 1959 г., кога е избран за професор по овоштарство на Земјоделскиот факултет во Нови Сад. Публикувал повеќе научни трудови од областа на животниот циклус и долговечноста на овошните растенија. Б. Р.