СЛОБОДНИ ТЕРИТОРИИ ВО НОВ НА МАКЕДОНИЈА

СЛОБОДНИ ТЕРИТОРИИ ВО НОВ НА МАКЕДОНИЈА (1943– 1944 г.) – територии создадени во 1943 г. во Дебарца и Копачка, Маврово и Бистра, Преспа, Кожув и Козјак, кои постепено биле ширени и зафаќале пространи територии. Со поврзувањето на слободната територија на Кожув со слободната територија создадена од ЕЛАС на Пајак Планина и Караџова, слободната територија се проширила и кон Гевгелија, Тиквеш и Мариово. Слободната територија од Козјак Планина се ширела кон Кривопаланечко, кон Руен Планина и Куманово. Во западниот дел по капитулацијата на Италија дошло до обединување на слободните територии и била создадена единствена територија со два слободни града: Кичево и Дебар. Малата слободна територија во Преспа служела за врски меѓу слободната територија во Западна Македонија и таа во реонот на Кожув. На слободните територии се создавале военозаднински органи, органи на народната власт, биле отворени и првите училишта на македонски јазик и се вршеле подготовки за одржување на Првото заседание на АСНОМ. ЛИТ.: Миле Михајлов, Военозаднинските органи во Народноослободителната војна на Македонија 1941-1944, Скопје, 1992. М. Мих.