СКОПСКА ЦРНА ГОРА

СКОПСКА ЦРНА ГОРА – средновисока планина, која на територијата од Република Македонијасе протега со својот јужен дел. Се издига како хорст помеѓу: Скопската Котлина од југ, Кумановската од исток, Гниланската од север во Косово, Република Србија, и долината на реката Лепенец од запад. По нејзиното било се протега и границата помеѓу Република Македонијаи РС. Планината се протега во правец јз–си, со највисок врв Рамно (1.651 м). Таа е настаната со поместување. По должината на еден таков расед во околината на Никуштак дошло до излевање на лава. Составена е од кристалести шкрилци и еруптивни карпи, преку кои лежат мезозојски карпи и терциерни седименти. Со долината на Липковска Река е поделена на два дела: западен повисок и ис-точен понизок, познат под името Карадак. На Скопска Црна Гора се наоѓаат извори на поголем број речни текови. ЛИТ.: Т. Андоновски, И. Милевски, Геоморфолошки карактеристики на Кумановската Котлина, „Географски разгледи“, кн. 36, Скопје, 2001. Т. Анд.