СКОПСКА КОТЛИНА

СКОПСКА КОТЛИНА – се протега во северниот дел на Повардарјето, целосно во Вардарската тектонска зона. Претставува длабока и спуштена потонатина по должината на раседните линии. Таа е заградена од сите страни со висока планинска рамка и тоа: Скопска Црна Гора на север, Же-ден на запад и масивот на Јакупица (Мокра) на југ. Единствено спрема исток е малку пониската Градиштанска Планина (861 м). Со Полошката Котлина е поврзана преку Дервенската Клисура и Преграбенската Долина – Тетовска Суводолица; со Велешката Котлина преку Таорската Клисура, со Кумановската Котлина преку Романовечкиот Превал, а преку Качаничката Клисура на Пчиња со Косово. Зафаќа површина од 1.924 км² и се издига од 225 м, како најниска точка во котлината, до 2.540 м како највисока точка. Рамничарскиот дел или дното на Котлината зафаќа површина од 26.100 ха и се наоѓа на
п.н.в. од 300 м. Со планината Водно е поделена на два дела: Скопско Поле на север со правец на протегање сз–ји и басенот на Маркова Река на југ со правец на протегање исток–запад. Скопската Котлина е формирана со тектонските движења во неоген-еоценот, а во миоценот со дополнителни тектонски движења е раздробена на раседи, а потоа моделирана со дејство на егзогените процеси. Котлината е исполнета со еоценски, миоценски, плиоценски и квартерни седименти што на некои места имаат дебелина повеќе од 1.600 м. Во котлината егзистирало Скопско Езеро, кое највисоко ниво имало на 900 м, а потоа ритмички се спуштало оставајќи траги во вид на абразиони тераси.
Во котлината се судираат два климатски типа: континентален од север и медитерански од југ, кон кои се приклучуваат и климатските влијанија од планините. Во Котлината е развиена густа хидрографска мрежа при што реката Вардар, со нејзините притоки Треска, Лепенец и Пчиња, е главна одводна артерија. Разновидните почви и другите природни фактори овозможуваат одгледување интензивни култури, во прв ред индустриски растенија, жита и др. Во Котлината е развиена најголемата градска населба Скопје.
ЛИТ.: П. Јовановиђ, Рељеф Скопске кот
лине. ГСНД, кн. 10, Скопје, 1931; А. Стојмилов, Физичка географија на Р. Македонија, Скопје, 2003. Т. Анд.

Границите на Скопската епархија