СКОПСКА АРТИЛЕРИСКА БРИГАДА

СКОПСКА АРТИЛЕРИСКА БРИГАДА (с. Лисиче, Велешко, септември – Скопје, втората половина на ноември 1944) – воена единица на НОВ и ПОМ. При повторното заземање на Прилеп од германските сили (20. Ⅸ 1944) артилерискиот дивизион на Стјепан Златар се повлекол кон с. Лисиче (Велешко) и тука послужил како јадро за формирањето на Бригадата со командант Киро Спасовски, а располагала со 4 хаубици од 105 мм, М-13. Учествувала во Ослободувањето на Македонски Брод, Прилеп и Велес, при што кај с. ’Рлевци запленила еден германски топ од 75 мм со камион и муниција. По Ослободувањето на Скопје, при реорганизацијата на воените единици, пристигнала во Скопје и влегла во составот на Првата македонска артилериска бригада. ЛИТ: Д-р Марјан Димитријевски, Македонија во антифашистичката војна (1944– 1945), Скопје, 1995; истиот, Македонската војска 1944–1945 (Преглед на Главниот штаб, бригадите, дивизиите, корпусите и Ⅴ југословенска армија), Скопје, 1999, 157–158. С. Мл.