СКЛАВИНИИ

СКЛАВИНИИ – територии населени со словенски племиња, самостојни политичко-територијални, полудржавни организации, независни кнежества. Имале сопствена управа и посебна воена организација. На чело стоеле избрани водачи, именувани како архонти, егзарси, рексови и др. Во секоја склавинија обично било населено само едно племе. Во Македонија во Ⅵ–Ⅶ в., биле формирани склавинии на Берзитите, Сагудатите, Драговитите, Вајунитите и др. Покрај Словените живееле и староседелци, кои во почетокот не се мешале со Словените. Македонските склавинии преземале заеднички напади на Солун (586, 614–616, 618, 674–677) и на Цариград (626). Византијците презеле походи за потчинување на склавиниите во Македонија (Ⅶ–Ⅷ в.). Во борбите со Византија поголемиот дел од македонските склавинии ја признале византиската врховна власт. Другите, во внатрешноста, ја загубиле самостојноста по паѓањето на Македонија под бугарска власт (по сред. на Ⅸ в.). ЛИТ.: Стјепан Антолјак, Средновековна Македонија, И, Скопје, 1985. К. Аџ.