СИОН, Исак

СИОН, Исак (Солун, 16. Ⅳ 1916 – Белград, 28. Ⅴ 1994) – банкарски чиновник, комунистички деец, партизански борец и политичар; Евреин. Во 1920 г. со семејството се преселил во Штип. Ја завршил Државната трговска академија во Скопје, студирал на Високата економско-комерцијална школа во Загреб, а потоа бил службеник во филијалата на Државната хипотекарна банка во Љубљана (од 1936). Бил активист на СБОТИЧ и член на КПЈ (од 1940). По Априлската војна (1941) се вратил во Штип и се вклучил во НОБ (1941) како член на МК на КПМ (април 1942 – март 1943). Го избегнал собирањето и депортацијата на Евреите (9. Ⅴ 1943) и бил борец во НОПО „Гоце Делчев“ (19 – 21. Ⅴ 1943), во шарпланинскиот НОПО (од 16. Ⅸ 1943) и во Кумановскиот НОПО (од 10. Ⅺ 1943) и заменик политички комесар на чета и баталјон на Третата македонска НОУБ (од февруари 1944). Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ, а потоа е упатен за член на Обласниот комитет на КПМ во Штип (од август 1944) и бил секретар на Окружниот комитет на КПМ во Струмица. По Ослободувањето бил член на ЦК на КПМ, генерален секретар на претседателот на Владата на НРМ, одговорен уредник на органот на ЦК на КПМ „Партиски живот“, вицегувернер на Народната банка на ФНРЈ во Белград, претставник на Сојузната стопанска комора во Лондон и др. Ав-тор е на повеќе трудови од областа на монетарниот систем. Носител е на Партизанска споменица 1941. ЛИТ.: Струмица и Струмичко во НОВ 1943-1945. Материјали од научниот собир одржан во Струмица на 26 и 27 април 1982 година, Струмица, 1983; Д-р Александар Матковски, Историја на Евреите во Македонија, Скопје, 1983; Штип и Штипско во Народноослободителната војна 19411945. Прилози од научниот собир одржан на 17, 18 и 19 мај 1990 во Штип, книга 1-4, Скопје 2000-2001. С. Мл.