СИМОВСКИ, Тодор Христов

СИМОВСКИ, Тодор Христов (с. Извор, Гуменџиско, Егејскиот дел на Македонија, 14. Ⅱ 1924 – Скопје, 4. И 1998) – историчар, стручен советник во ИНИ, картограф, публицист, борец и национално-политички деец. Завршил Филозофски факултет (Група историја) во Скопје и од 1952 г. до пензионирањето работел во ИНИ како истражувач на новата историја на Егејскиот дел на Македонија. Активен учесник во антифашистичката и националноослободителната борба во Егејско (1941–1949). Секретар на ОКНЕ за Гуменџиска околија (мај 1942), секретар на Окружниот одбор на ЕПОН за Воденскиот, Катеринскиот, Берскиот и Кукушкиот округ и функционер на НОФ за Гуменџиска и Ениџевардарска околија (од февруари 1946). Работел како новинар во Радио Скопје и бил уредник на в. „Глас на Егејците“. Автор е на повеќе статии во списанија и зборници, издавач на документи за НОБ во ЕМ (1941–1947) и атлас и монографија за населените места во ЕМ. БИБ.: Егејска Македонија во НОБ 1944–1945. Документи за учеството на македонскиот народ од Егејскиот дел на Македонија во Антифашистичката војна 1941–1945, И, Скопје, 1971 (коавтор); Егејска Македонија во НОБ 1945. Документи за учеството на македонскиот народ од Егејскиот дел на Македонија во Граѓанската војна во Грција 1945 година, Ⅱ, Скопје, 1973 (коавтор); Егејска Македонија во НОБ 1946. Документи за учеството на македонскиот народ од Егејскиот дел на Македонија во Граѓанската војна во Грција 1946 година, Ⅲ, Скопје, 1976 (коавтор); Населените места во Егејска Македонија, И, Скопје, 1978; Атлас на населените места во Егејска Македонија, Скопје, 1997; Настаните на Скопското Кале на 7 јануари 1945 година. Документи, Скопје, 1997; Населените места во Егејска Македонија, И–Ⅱ, Скопје, 1997. Бл. Р.