СИМОВСКИ, Андон

СИМОВСКИ, Андон (Крушево, 8. Ⅵ 1926) – унив. професор. Завршил Државен институт за физичка култура во Белград (1954). Магистрирал на Медицинскиот факултет во Скопје (1976) со темата „Физичкото воспитание во средните училишта во Вардарска Македонија помеѓу двете светски војни (1918–1941)“, а хабилитирал на Факултетот за физичка култура во Скопје (1980) со темата „Методика и биомеханичка анализа на техниката на алпиското скијање“. Работел како референт во Крушево, бил професор во Учителската школа, директор на Заводот за физичка култура во Скопје (1957–1959), професор во Средното фискултурно училиште и на Вишата школа за физичка култура во Скопје (1959–1978). На Факултетот за физичка култура бил виш предавач и редовен професор по предметот Методика на физичкото воспитание и в.д. декан (1980–1982). Тој е познат спортски работник и функционер. Објавил повеќе стручни и научни трудови. Д. С. Тодор Симовски