СЕНГОР, Леополд Седар

СЕНГОР, Леополд Седар (Леополд Седар Сенгор) (Жоал, 9. Ⅹ 1906 – Париз, 20. ⅩⅠⅠ 2001) – сенегалски поет и државник, пишува на француски јазик. Од 1960 до 1980 бил претседател на Сенегал. Со своите поетски збирки сестрано се залагал за достоинство на црниот човек, за неговите права и слобода. Неговата поезија е сензуална, елегична, носталгична, под влијание на Пол Клодел, Сен-Џон Перс и на трубадурската поезија. Тој $ придава големо значење на музикалноста на стихот, а монотониот ритам, сличен на африканскиот мелос, им дава исклучителен автентичен призвук на неговите стихови. Составувач е на антологијата на новата црнечка и малгашка поезија пишувана на француски јазик Црниот Орфеј (1948), за која предговорот го напишал Жан-Пол Сартр. Во 1975 г. го добил Златниот венец на СВП. БИБ.: Песни од темнината (1945), Црни причесни (1948), Ноктурна (1961), Писма од Ивернажот (1972). ЛИТ.: Ацо шопов, Дијали на еден народ и на една цивилизација, „Поезија“, ЗИД НМ, 1975. П. Гил.