СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ

„СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“ – манастир во близината на Крива Паланка, основан во Ⅺ–ⅩⅠⅠ в. Во житието на Јоаким Осоговски пишува дека во времето на владеењето на императорот Маноил Комнен (1143–1180) некој свештеник Теодор од Овче Поле, откако се замонашил и добил монашко име Теофан, го основал манастирот и станал негов прв игумен. Тогаш изградил црква и ја посветил на св. Јоаким Осоговски. Во неа биле пренесени и моштите на светителот. Манастирот често се спомнува во историските извори, најмногу во белешките запишани од видни посетители што наминувале во манастирот поради разни причини и со различни цели. Во манастирскиот комплекс постојат две цркви. Постарата, посветена на Богородица, според едни истражувачи била градена во ⅩⅣ, а според други во ⅩⅤⅠ–ⅩⅤⅠⅠ в. Градена е од делкан камен и од тули. Има облик на слободен крст со тристрана апсида и купола со осмостран тамбур, поставен на пандантифи. На западната страна има нартекс со купола. На местото на најстарата (првобитната) црква, со средства што ги обезбедил ктиторот Хаџи Стефан Бегликчијата од Крива Паланка, во 1847 г. започнала изградбата на големата базилика Д. А. Папрадишки: фреска во куполата од манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, Крива Паланка (ⅩⅠⅩ в.) посветена на св. Јоаким Осоговски. Градена е од делкан камен. Градбата била завршена и црквата била осветена во 1851 г. Во еден натпис што е зачуван во црквата, се вели дека таа била обновена во времето на султанот Хамид и игуменот јеромонах Кесарија (1884). Новоизградената црква припаѓа на типот на големите трикорабни базилики. На источната страна завршува со три апсиди, а над средниот и над страничните кораби се издигаат 12 куполи. Постои мислење дека овој грандиозен објект бил дело на познатиот градител Андреја Дамјанов. Ѕидното сликарство во црквата е дело на повеќе зографи, меѓу кои е и познатиот Димитар Андонов Папрадишки, како и Мирон Илиев, Аврам Дичов и Григорие Петрович од с. Тресонче. Најстариот зачуван објект од конаците потекнува од средината на ⅩⅠⅩ в. ЛИТ.: В. Петкови¢, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950; К. Балабанов – А. Николовски