СВЕТИ ЃОРЃИ

СВЕТИ ЃОРЃИ“ – црква во месноста Горни Козјак (Штипско), непосредно до ѕидините на утврдениот антички град Баргала. Градена е од речен камен и од малтер, со употреба на сполии собирани од разурнатиот антички град. Планот на објектот претставува впишан крст во квадратна основа, со трапезоидна апсида и предапсидален простор. Подоцна до јужната страна на нартексот бил дограден параклис со купола. Од нартексот во наосот се влегува низ трибелон. Во јужното крило на наосот се наоѓа ѕидана правоаголна гробница, изградена во исто време со црквата. Недостигаат конкретни литературни и историски извори за изградбата на црквата, но во повелбата на императорот Василиј Ⅱ од 1019 г. се спомнува средновековната населба Козјак, како енориски центар во рамките на Мороздвишката епископија. На ѕидовите од црквата се наоѓа фрескоживопис во три слоја. Првиот е најверојатно од Ⅺ–ⅩⅠⅠ, а последниот од ⅩⅤⅠⅠⅠ–ⅩⅣ в. На овој период му припаѓа ликот на Исус Христос Антифонитис, насликан на северозападниот пиластер. Се смета дека ктиторската композиција насликана јужно од влезната врата, на западниот ѕид на припратата, потекнува од ⅩⅣ в. Во сликањето на живописот учествувале неколку зографи, чиишто имиња не се познати. Околу црквата се простира голема средновековна некропола. Констатирано е дека таа била во употреба некаде од Ⅶ, па сè до првите децении на ⅩⅩ в. ЛИТ.: К. Балабанов, Конзерваторски работи на црквата „Св. Ѓорѓи“ во месноста Горни Козјак – Штипско, Зборник на Штипскиот народен музеј, Штип, 1959, 121–122; З. Расолкоска–Николовска, Археолошките истражувања на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Горни Козјак, Зборник на Штипскиот народен музеј Ⅳ–В, 1964–1974, Штип, 1975, 125–139; К. Балабанов – А. Николовски – Д. ќорнаков, Споменици на културата на Македонија, Скопје, 1980. К. Б.