СВЕТИ ЃОРЃИ

СВЕТИ ЃОРЃИ“ – стара, еднокорабна, гробишна црква во с. Вранештица, кај Кичево, лоцирана во Горно Маало. Подигната и живописана е со помош на „мали и велики“ (жители) во времето на турскиот султан Бајазит и епископот кир Герасим, изгледа во 1498/1499 г. Живописана е за само 20 дена од Димитар Зограф, кој се потпишал инверзно на крајот од ктиторскиот натпис. Во сликаната програма внимание привлекува царскиот Деисис, со Христос Цар, Богородица Царица и Јован Крстител, потоа претставата на патронот св. Ѓорѓи во благородничка облека и св. Никола, со епитет Крмител. Имала фасаден живопис, кој е делумно зачуван. ЛИТ.: М. М. Машниќ, Прилози за три малку познати споменици во кичевскобродскиот крај од поствизантискиот период, „Културно наследство“, 16/1989, Скопје, 1993, 95–103. М. М.