СВЕТИ АТАНАС, ВАРОШ

СВЕТИ АТАНАС, ВАРОШ (Прилеп) – локација каде што е најдено депо-остава со скапоцени аграфи. На локалитетот Л-35, во квадратот 108, е најден групен наод засолнет во странична вдлабнатинка од јамата 160. Тоа се пет речиси целосно зачувани примероци и неколку откршени делчиња. Тие припаѓале на велмошкиот накит и служеле за закопчување на благородничките наметки под вратот или на десното рамено. Како инсигниски накит се забележани на фреско живописот од ⅩⅣ-ⅩⅤ в. кај личности од висок ранг. Изработени се од сребро, позлата, филигран, гранулација, со вметнати украсни камења во средината. Припаѓале на видно семејство од градот, можеби и на потомците на Мрњавчевци. ЛИТ.: Е. Манева, Кому му припаѓал велмошкиот накит од Маркови Кули и Св. Атанас, Варош – Прилеп, Кралот Марко во историјата и во традицијата (1995), Прилеп, 1997, 331–338. Ел. М.