СВЕТИ АТАНАС , Варош

„СВЕТИ АТАНАС“, Варош (Прилеп) – црква, некропола и населбински остатоци, истражувани во 1959, 1964 и 1960 (Б. Бабиќ). Лоцирани се во ареалот на средновековниот Варош. Кај црквата „Св. Атанас“ (ⅩⅣ в.) – локалитетот бр. 35 и во неговата непосредна околина, при археолошки истражувања се откриени делови од архитектонски објекти, ковачница, јами, гробови, како и движни археолошки наоди меѓу кои има и накит, а се наоѓаат и монети од ⅩⅠⅠ до првата половина на ⅩⅣ в. Се среќаваат и материјали од турското средновековје. Меѓу наодите е и оставата со луксузни аграфи од ⅩⅣ в. ЛИТ.: Б. Бабиќ, Материјалната култура на Македонските Словени во светлината на археолошките ископувања во Прилеп, Прилеп, 1986, 181–185. Ел. М.