СВЕТИ АТАНАСИЈ , Калишта

СВЕТИ АТАНАСИЈ“, Калишта – пештерна црква високо во карпите над езерото на околу триста метри јужно од манастирскиот комплекс „Св. Богородица“ во Калишта. Изградена е кон крајот на ⅩⅣ в., со заложба на малото монашко братство чии имиња се испишани во ктиторскиот натпис на јужната фасада до лунетата во која е насликан патронот на црквата „Св. Атанасиј“. За градбата на црквата е искористена природната зарамнетост на карпата, која од источната и јужната страна е затворена со ѕид од обработен камен со ма-ла тристрана апсида на источната страна. Внатрешноста, иако со неправилна форма, е поделена на олтарен и наосен простор целосно живописан со прегледна тематика. Во олтарниот простор се насликани литургиски теми, во апсидата Богородица со Христос и службата на архијереите пред Христос Агнец, која продолжува на јужниот и северниот ѕид од олтарот, а на источниот ѕид се Благовестие и Христовиот Мандилион. Во наосниот дел, на сводот се насликани композиции од циклусот на Големите празници, Раѓање, Сретение, Распетие, Мироносиците на Христовиот гроб. Во најниската зона се насликани покрај Деизисот со Христос, Богородица и Јован Претеча, светите воини, монасите, како и ликот на Св. Климент и допојасни претстави на свети жени над влезната врата. ЛИТ.: Цветан Грозданов, Ѕидното сликарство и иконописот во струшкиот крај, Струга и Струшко, Струга, 1970, 337–338; Истиот, Охридското ѕидно сликарство од ⅩⅣ век, Охрид, 1980, 158–159. С. Ц. Живописот на тремот во манастирската црква „Св. Атанасиј Александриски“, с. Журче, Крушевско (1617)